Триесет и седум годишната Рубина Митева од Свети Николе е една од пациентите што успеале да го победат коронавирусот. Таа 25 дена била хоспитализирана во велешката болница со покачена температура, потешкотии во дишењето и кашлица.
„Пациентите да веруваат во стручноста на лекарите и да ги слушаат препораките на медицинскиот персонал. Задоволна сум од грижата и вниманието од сите вработени во велешката болница. Среќна сум дека сум жива и здрава. И среќна сум бидејќи повторно сум со моето семејство. На никого не му посакувам да почувствува што значи страв, грижи и несоница како за своето здравје, така и со мислите за своите најблиски. Поради тоа, апелирам каде и да одиме да носиме заштитна маска. Редовно да ги миеме рацете и да одржуваме потребна физичка дистанца. Нема ништо поважно од здравјето и семејството“, вели Митева.