Министерката за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи го демантира текстот на порталот А1он со наслов „Мизрахи ја назначи советничката на Груевски за шеф на кабинет“ . Вели дека текстот е крајно тенденциозен, полн со шпекулации и невистини и побара јавно извинување и „точно пренесување на информациите“.
„ Марија Апостолова, е државен службеник вработена во Владата на Република Македонија од 2011 година и своите должности ги обавувала во владите на Никола Груевски, Емил Димитриев и Зоран Заев, што значи дека г-ѓа Марија Апостолова не е советник на поранешниот премиер Никола Груевски, не е дел од советниците на поранешниот премиер Никола Груевски за што наведувате, ниту пак е инсталација како што наведувате и ја доведувате во заблуда јавноста“, стои во демантот на Мизрахи.
Според министерката, крајно е сомнително и што текстот истовремено излегува со изјавата на Милан Живковиќ – претседател на комисијата за социјална политика и труд од СДСМ.
„Сакаме да Ве прашаме дали го имате истиот однос кон министерот Никола Димитров и него го именувате како Амбасадорот на Груевски или преговарачот на Груевски?“, прашува Мизрахи.
Од медиумот остануваат на ставот дека информациите се точни и веродостојни и нема да се извинуваат.
„И порачуваме на министерката Мизрахи дека нема да дозволиме да биде главен уредник и ја замолуваме да внимава на речникот и на квалификациите за новинарите. За конкретниот текст ја баравме и советничката Марија Апостолова за да се изјасни, но таа не одговори на повикот. Мизрахи со измислени деманти врши притисок врз А1он и ги навредува новинарите. Освен тоа, информацијата дека Апостолова била на листата советници и стручни соработници на поранешниот премиер е дел од јавен документ објавен на веб-страницата на Владата на 52 позиција на листата, па нејасно е што демантира Мизрахи. А1он, со доказите кои ги поседува, ќе ги извести сите меѓународни организации за притисокот од министерката на ВМРО-ДПМНЕ. Ја замолуваме министерката да не се обидува да го вовлекува медиумот во партиски борби и партиски да го етикетира, зошто со тоа нема ништо да сокрие ниту пак ќе не спречи да пишуваме за неа“, реагираат од А1Он