Претседателот на собраниската Комисијата за европски прашања Арбер Адеми денеска имаше средба со заменик – министерот за надворешни работи на Република Словачка, Мартин Клус на која присуствуваше и словачкиот амбасадор во нашата земја, Хенрик Маркуш.

Заменикот – министер Клус, како што е наведено во соопштението од собраниската Комисијата за европски прашања, ја повторил поддршката на Словачка за пристапување на Северна Македонија и Албанија во ЕУ и отварање на преговарачките поглавја што поскоро.

Во тој контекст, посочил дека Словачка дава поддршка земјите од Западниот Балкан да бидат една од приритетните точки на Агендата на претстојната конфереција за иднината на Европа, што ќе се оддржи во мај годинава. Притоа, како што е наведено во соопштението, истакнал дека процесот на отпочнување на преговорите на Северна Македонија и Албанија има димензија на стабилност и безбедност во регионот.

Адеми на средбата изразил голема благодарност за силната и недвосмислена поддршка што Словачка и ја дава на Северна Македонија, во континуитет, во однос на нашите евроинтегративни процеси. Притоа, посебно се заблагодарил на неодамнешната инцијатива на министерот за надворешни работи на Словачка, Корчук, кој заедно со уште осум министри за надворешни работи на земји членки на ЕУ, писмено се обрати до Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Борел, повикувајќи го во Агендата на априлскиот Совет на министри во април да биде ставен Западен Балкан.

Toј посочил дека усвојувањето на Рамката за преговори и одржувањето на Првата меѓувладина конференција во јуни, за време на претседателството на Португалија е наш клучен приоритет, поради што сме фокусирани за надминување на отворените прашањата со Бугарија.

Земјата, како што истакнал Адеми, останува посветена на ЕУ агендата, и во тој контекст, Парламентот и Комисијата за европски прашања, целосно се вклучени во реализацијата на европските реформи.

-Двајцата соговорници се согласија дека парламентарната соработка на двата парламенти е одлична. Нашиот собраниски Парламентарен институт, беше формиран по примерот на Парламентарниот институт во Националниот совет на Словачка, при што имавме голема стручна поддршка на овој план, се додава во соопштението.