Во седиштето на Демократската унија за интеграција во Тетово, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, го примил амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас. Од партијата велат дека Ахмети и Рокас нашироко разговарале за сите политички прашања во нашата земја, за неопходните реформи за европска интеграција, за легитимитетот и Охридскиот договор, како и за евентуални предвремени избори.

-Ахмети го информирал амбасадорот Рокас дека ДУИ е партија која ни за момент не се колеба од својата евроатланска дефиниција и ориентација.

За нас евроинтеграциите се без алтернативи и ДУИ дава целосна поддршка за продолжување на преговорите и спроведување на реформите без никакво одлагање и со политички консензус.

Во однос на Охридскиот договор, Ахмети потсети дека ЕУ и САД се гаранти на мировниот договор и дека меѓуетничките односи се многу оптоварени со непромислените чекори на владата во однос на албанскиот јазик, етничката припадност, правичната и соодветна застапеност итн, стои во партиското соопштение за средбата.

Според ДУИ, Ахмети му порачал на евроамбасадорот дека С. Македонија и Македонците не изгубија ништо од рамноправноста со Албанците, а државата воопшто не е оштетена од спроведувањето на Охридскиот договор.

-Политичкиот дијалог во државата мора да го почитува изборниот легитимитет на легитимните претставници на етничките заедници бидејќи тоа овозможува стабилност, безбедност и социјална кохезија. Ахмети повтори дека решението за оваа тешка ситуација се заедничките парламентарни и локални избори во октомври 2025 година, посочуваат од партијата од Мала Речица.

Сите подготвени за предвремени парламентарни избори следната година, но тоа не значи и дека ќе се одржат. Првиот социјалдемократ Венко Филипче, по собраниската дебата со премиерот поканата за предвремени избори по само 5 месеци ја толкува како доказ дека на владата навистина не ѝ оди. Тврди дека премиерот Христијан Мицкоски кокетира со ДУИ, а испраќа порака на ВЛЕН и ЗНАМ.

-Очекуваме Мицкоски да го одржи зборот, велат во ДУИ. И тие биле подготвени за предвремени избори преку кои би се соочиле со народот.

И од Алијанса за Албанците на Зијадин Села излегоа со став дека на земјата и се потребни предвремени избори. Мицкоски пак му одговори на Ахмети со повик за подготовка на ДУИ за предвремени избори, кога ќе дојде време.