Ако нема нови избори, Демократската унија за интеграција (ДУИ) нема да биде дел од владата, вели ексминистерот за економија, Крешник Бектеши во неделното интервју за Радио Слободна Европа, отфрлајќи ги со тоа мислењата на дел од политичките фактори во земјава дека е можно да се очекува коалиција меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ.

Тој го повтори ставот на лидерот на партијата, Али Ахмети, од пред десетина дена дека ДУИ е за целосно почитување на Охрдискиот рамковен договор и дека за тоа кој ќе ги претставува одлучуваат граѓаните, а не некоја политичка партија.

„Да бидам попластичен во однос на можно коалицирање, ако нема нови избори, ДУИ нема да биде дел од владата, а тоа го рече и претседателот Ахмети. Ние сакаме да ја имаме довербата на граѓаните и граѓаните да одлучуваат кој да ги претставува, а не да е волја на некоја политичка партија. Јас сум кажал дека утре може Левица да има 80 пратеници, или, што знам, некоја националистичка политичка партија во нашата држава да има 90 или 61 пратеник и не можеме ние како држава, како мултиетничка држава која сака вредностите на Европската Унија да ги примени во целост да дозволиме такво неконструктивно дејствување и обид за омаловажување на другите етнички заедници во нашата држава“,вели Бектеши.

Во интервјуто, тој беше прашан и за причините за излегувањето на лидерот на ДПА, Мендух Тачи, од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, на што не одговори конкретно, туку наведе дека Тачи и понатаму ќе дејствува како опозиција, а своите активности ќе ги координира со претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

„Она што го кажа во еден од неговите настапи на една национална телевизија, тој не е формално дел од Европскиот фронт, а имајќи предвид дека оваа коалиција беше предизборно формирана. Секако дека ќе дејствува како опозиција и ќе биде во контакт со лидерот, претседателот Ахмети. Со него ќе ги координираат сите активности и ќе дејствува како опозиција во Собранието на Република Северна Македонија“, рече ексминистерот и дел од високото раководство на ДУИ.