По вчерашната седница на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев веќе не е генерален секретар на партијата.

Официјалната причина е оставка од лични причини, но неофицијално, причините се сосема други и ги има повеќе.

Јанушев, на функцијата генерален секретар на опозициската партија дојде по превземањето на партијата на Христијан Мицкоски, кој на чело на ВМРО-ДПМНЕ дојде токму од таа позиција.

Иако со голем багаж позади себе, како осомничен за криминал тежок 5 милиони евра поврзан со набавката на кинеските автобуси, Јанушев сепак ја доби подршката од Мицкоски да биде главен кадровик во партијата.

Јанушев како генерален секретар веднаш започна да реди порази.

– Референдумот, на кој Мицкоски и тој не знаеја што да прават и која порака да му ја испратат на членството,

– Претседателските избори на кои нивната кандидатка беше поразена од кандидатот на владејачката коалиција,

– за да на крај чашата ја прелие последната изборна трка на предвремените парламентарни избори.

На тие избори, Јанушев најпрвин беше поставен за шеф на централниот изборен штаб, за да потоа биде сменет под мистериозни причини и неговото место го презеде лично Мицкоски.

Кога претседателот на партијата пред почеток на изборната кампања ќе ја презеде оваа позиција од генералниот секретар, тоа значи дека нешто не штима горе во самиот врв. Мицкоски се постави за шеф на централниот изборен штаб а Јанушев ја предводеше кандидатската листа во третата изборна единица. Оваа изборна единица години наназад на ВМРО-ДПМНЕ му носеше огромни победи со голема разлика во пратеници. Да, така беше се додека СДСМ не го постави за носител Љупчо Николовски, кој на Игор Јанушев му ја загорчи изборната ноќ кога се броеја гласовите. Се сеќавате, кога Јанушев излезе на прес конференција и тврдеше дека ВМРО-ДПМНЕ води со 7/8 пратеници. По аматерски и наивно, здравје. Подоцна сите му се смееја на таа “еуфорична” изјава.

Од тука наваму, кариерата на Јанушев тргна во провалија. Ако во кампањата се изнаслушавме како носителот во изборната единица 3, се заканува дека ќе тепа жени со боксови, деновиве дознавме дека истиот тој Јанушев кој наводно се бореше за поголеми права на сиромашните, во анкетниот лист си впишал 4 стана во Скопје, куќа во Охрид и два луксузни автомобили Лексус и џип Кашкаи.

Само два дена по објавувањето на оваа вест, Јанушев веќе не е генерален секретар на најголемата опозициска партија. Тука веројатно му престанува и политичката кариера.

Значи, личните причини за неговата оставка, како што вели Мицкоски можеби се и точни.

ЛИЧНО тој е осомничен за криминал со кинеските автобуси,

ЛИЧНО тој е одговорен за поразот на ВМРО-ДПМНЕ на последните парламентарни избори,

ЛИЧНО тој се закануваше дека ќе тепа жени со боксови,

ЛИЧНО тој си пишал во анкетниот лист 4 стана во Скопје, куќа во Охрид и два луксузни автомобили,

ЛИЧНО тој целиот изминат период со секое излагање и појава, однесува гласови од ВМРО-ДПМНЕ.

Затоа, токму така, од ЛИЧНИ причини, Игор Јанушев веќе не е генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Шансата му беше дадена но ја прокоцка, на свои 36/37 години.

Дајте ново дете…