Христијан Мицкоски не сака избори затоа што ќе ги изгуби поради лошите одлуки и немање став на неколку луѓе. Тој сака власт, ама без да преземе одговорност, реагира пратеничката Емилија Александрова која беше дел од ВМРО-ДПМНЕ, но беше исклучена од партијата по гласањето за уставните измени.
Нејзината реакција доаѓа по денешната изјава на Мицкоски во која вели дека не сака да биде мандатар и истовремено да брои жртви.
Таа вели дека жали што ќе се изгуби шанса од ВМРО-ДПМНЕ да покажат дека можат да бидат прогресивни и конструктивни и го обвинува партискиот претседател дека сака избори, ама наоѓа илјада и една причина за бегање.
„Кукавички изговор во епидемијата наместо грижа и придонес за побрзо да помине. Сака одложување на изборите, а не сака функционален парламент. Пратениците избрани од народот биле поранешни, а министрите во техничката влада избрани од него со легитимитет. Ама заборавил дека техничката влада е за спроведување избори, а не за бегање од нив. И најновиот денешен бисер, не сакал да биде мандатар и да брои жртви. За жал, тука лежи зајакот во оваа едноставна реченица. Човекот сака власт без одговорност. Човекот сака ништо да не преземе, оти одлуките имаат последици, добри или лоши“, вели Александрова.
Таа ова го нарекува „виткање кичма“ и константно бегање од сè што, како што вели, е срамно за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Александрова повикува барем еднаш да се смогнат сили за да се покаже дека се сака државата, да се покаже поголема храброст и државнички капацитет. Не може, вели таа, да се биде надвор од секој значаен процес и да се бега поради неколку луѓе.
„Техничката влада нема политички легитимитет без датум за избори. Ако ова се продолжи, тоа е харикири на демократијата и урнисување на системот. Ако тоа се крие во заднина, сме зарибале многу. Како држава ги остваривме стратегиските цели за кои сите сме согласни, членка сме на НАТО и конечно имаме зелено светло за почнување преговори со ЕУ. Дали заради теснопартиски цели треба да крахира системот? Ако некој не сака да ѝ помогне на државата и не умее, не е потребен“, вели пратеничката.
Таа го обвинува Мицкоски дека ги злоупотребува партијата, епидемијата и законите велејќи дека се крие зад ВМРО-ДПМНЕ сакајќи да прикаже дека сите мислам исто, а всушност владее едноумие.
„Партијата никогаш не била еден човек, таа е луѓето со идеи, желба за национално обединување, внатрешно чувство. Тука треба да го разбереме, не е партиец, можеби затоа не може тоа да го сфати“, порачува Александрова.
Извор: 360 степени