Амбасадорот Дане Талески денеска ги предаде акредитивните писма на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг со што и официјално започна неговиот мандат како прв постојан претставник на Северна Македонија во НАТО откако земјава на 27 март лани стана полноправна членка на Алијансата.

Церемонијата се одржа во седиштето на НАТО, согласно протоколите за заштита од коронавирусот, по што следуваше состанок на амбасадорот Талески со генералниот секретар Столтенберг.

– Членството во НАТО на Северна Македонија е реализација на стратешка цел и реализација на еден од најважните надворешно-политички приоритети на државата што придонесе кон подобрување на стабилноста и безбедноста на државата, со позитивни импликации на целиот регион. Членството во НАТО е суверена одлука на Република Северна Македонија зацртана со едногласна одлука на Собранието во 1993, за која што секогаш постоел широк и силен меѓуетнички и надпартиски консензус, се наведува во соопштението од Министерството за надворешни работи.