Тим за санкции од Вашингтон пристигна во земјава и поагресивно ќе истражува корупција кај бивши и сегашни функционери, објави американската амбасадорка Анџела Агелер на Твитер.

„Тимот за санкции од Вашингтон е тука за поагресивен поглед на минатите и сегашните корумпирани актери и да ги разгледа сите можни одговори. На правосудниот сектор во Северна Македонија му требаат повеќе истраги, гонење за да се покаже дека никој не е над законот“, напиша Агелер.

Амбасадорката на САД пред неколку дена на настан по повод одбележувањето на 30 – годишнината од партнерството на УСАИД – Американска агенција за меѓународен развој со Северна Македонија, изјави дека корупцијата продолжува да го кочи напредокот на земјава.

Претходно и американскиот заменик-помошник на државниот секретар, Габриел Ескобар, изјави дека американските санкции за корумпираните политичари од Балканот имаат ефект и дека САД ќе продолжат со санкционирање корумпирани функционери од регионот.