Поради исклучително високите температури, веднаш по пристигнувањето на петте хеликоптери на местото на големиот шумски пожар во Пехчевско, командантот на ескадрилата донел одлука за нивно повлекување, информира в.д. директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

Ангелов на својот фејсбук профил напиша дека хеликоптерите повторно ќе се упатат кон Пехчево по намалување на температурата на воздухот за неколку степени.

-Безбедноста на посадата на воздухопловите и безбедноста на луѓето се на прво место, наведува Ангелов.

Во попладневното гостување, пак, на Канал 5, Ангелов соопшти дека во овој момент се активни 10 пожари од кои неколку се исклучително сериозни, а другите се од средна категорија. Во некои гори сува трева, нискостеблести растенија, грмушки и се далеку од населени места поради што не се опасност за никого.

Од Бугарија се очекува поддршка во луѓе и противпожарни возила, додека летала се побарани од Грција и Словенија и се очекува позитивен одговор.

-Најсериозна е состојбата во Општина Македонски Брод. Таму ветерот го смени правецот па огнот дојде блиску до едно од селата. Таму се припадници на Противпожарната единица, полицијата и војската. Исклучително сериозен пожар со голем обем има и околу Пехчево кој веќе преминува во Општина Берово. Таму, штом ќе се создадат услови, кога температурата на воздухот тоа ќе го дозволи, ќе бидат упатени двата армиски хеликоптери, рече в.д. директорот на ЦУК.

Тој е дециден дека нема селективен пристап во гасењето на пожарите. Проценка се прави на лице место, а приоритет има животот на луѓето.

Во врска со реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ за пожарот во Кочани, Ангелов рече дека била невкусна и неточна, за добивање политички поени. Тој најави и дека ќе го тужи за клевета пратеникот од Кочани доколку не се извини за изнесените невистини. Како избувнал пожарот во Кочани, треба да соопшти МВР чија криминиалстичката техника веќе собира докази.

-Најодговорно и категорично тврдам дека беа преземени сите мерки, се што ни беше на располагање се стави во функција тој ден. Не само што не направив пропуст, туку сум и горд на тоа што го направиме во Кочани, истакна Ангелов.

За барањето да си поднесе оставка, потенцира дека денеска Владата на седница ќе одлучи кому ќе му ја даде довербата да раководи со ЦУК зашто на дневен ред е точката за избор на директор по огласот што е затворен пред неколку дена.

Ангелов нагласи дека мора да се разграничат функциите и да не се мешаат надлежностите – градоначалниците ги менаџираат пожарите и ја активираат локалната самоуправа (противпожарните служби, фирми и јавни претпријатија кои можат да помогнат во гасењето), а ЦУК помага во делот на хеликоптерите. Потоа Дирекцијата за заштита и спасување која има директни надлежности при пожар.