Во денешното издание на “Отворено студио” на 24 ТВ, Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на Народната банка на Република Северна Македонија, ги охрабри граѓаните да бидат спокојни бидејќи девизниот курс е стабилен:

“Јас како гувернер на Централната банка на Република Северна Македонија во повеќе наврати објаснувам за оваа монетарна стратегија која ние ја спроведуваме повеќе од 20 години наназад. Ние како Централна банка успешно ја спроведуваме оваа стратегија, а сепак досегашното искуство, вклучително и искуството во кризните периоди со коишто се соочувала нашата економија, јасно упатува дека оваа монетарна стратегија на одржување стабилен девизен курс на домашната валута е оптимална монетарна стратегија. Значи, станува збор за мала и отворена економија која е изложена на бројни надворешни шокови и гледајќи ги овие структурни карактеристики на нашата економија ние немаме никаква дилема дека оваа стратегија е најсоодветна за нашата економија.

Еве на пример, земајќи го предвид високиот степен на трговска отвореност на нашата економија, јасно е дека во вакви услови курсот игра клучна улога за обезбедување на ниско и стабилно ниво на цените и дава директен придонес за одржување на ценовната стабилност.” – истакна Ангеловска-Бежоска.

Во продолжение, гувернерката даде информација за износот на девизните резерви на нашата држава и ги охрабри граѓаните да бидат спокојни и да не веруваат на секакви шпекулации и дезинформации:

“Имајќи ја предвид и структурната карактеристика на нашата економија, односно високата евроизираност, јасно е дека стабилноста на курсот дава директна поддршка за одржување на стабилноста на банкарскиот систем, а имајќи предвид пак дека банкарскиот систем е клучен столб на целокупниот финансиски систем значи дава директна поддршка во задржување на финансиската стабилност. Мислам дека на сите ни е јасно дека ценовната стабилност и финансиската стабилност претставуваат клучни пунктои за одржување на целокупната макроекономска состојба во нашата економија што пак е предуслов за одржлив економски раст и побрза конвергенција.

Централната банка со години наназад одржува високо ниво на резерви што самото по себе всушност е гаранција за стабилноста на девизниот курс. Во моментов, согласно уставно расположливите податоци, девизните резерви се нешто над 3 милијарди евра. Ова ниво упатува на висока адекватност на нивото на девизни резерви и капацитет за справување со какви било шокови во нашата економија. Овој заклучок може да се изведе ако се согледуваат и другите стандардни инидкатори, не само номиналните износ на девизните резерви.

Колку за споредба, во 2008 година кога поради глобалните случувања и нашата економија се соочи со тие надворешни шокови, во тој период нивото на девизни резерви беше нешто пониско од 1,7 милијарди евра што значи сегашното ниво е речиси двојно повисоко од тоа ниво.

Значи, граѓаните треба да бидат спокојни, не треба да постои апсолутно никаква грижа или дилема, стабилноста на нашиот девизен курс беше стратешки приоритет, е стратешки приоритет и ќе остане стратешки приоритет, а клучна гаранција за тоа е високото ниво на девизни резерви. Секакви други информации, шпекулации коишто се појавуваат во медиумите и социјалните мрежи не се релевантни информации.

Затоа апелирам и замолувам, да се однесуваме сите совесно и одговорно. Макроекономската стабилност е голема предност којашто ние ја имаме во овој момент и тоа ни дава доволен простор и капацитет да се справуваме со шоковите со кои ќе се соочи реалниот сектор. Апелирам граѓаните да бидат спокојни!” – додаде гувернерката Ангеловска-Бежоска.