Гувернерката на Народната банка на Република Северна Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска, во вечерашното гостување во “Топ тема” на Телма телевизија, охрабри дека кризата не се одрази негативно врз штедните влогови, а забележан е дури и одреден раст на депозитната база.

“Како и во секоја кризна епизода која сме ја имале низ годините наназад, така и сега, доаѓа до влошување на перцепциите на граѓаните и двата клучни пункта кај кои се забележуваат првите сигнали на кризата, едниот е депозитната база, другиот е девизниот пазар.

Таа вознемиреност овојпат се почувствува кај депозитната база на банките, особено во втората половина на месец март и почетокот на месец април. Оттогаш па наваму состојбите се стабилизирани, иако дури ако ги погледнеме податоците за март во однос на февруари, немаме пад на депозитите, имаше само одреден притисок врз депозитната база. Имаше сигнали на одредено повлекување на средства, меѓутоа до крајот на месецот состојбата покажа стабилизирање и на месечна основа всушност имаше раст од 0,4% и на депозитите на корпоративниот сектор и на депозитите на населението.

На крајот на месецот имаше пораст и покрај одредени повлекувања кои беа евидентни по денови. Во споредба со претходните кризни периоди, притисокот врз депозитната база сега беше значајно понизок. Ме радува што веќе во текот на месец април состојбите се стабилизираа, стабилна е депозитната база и тие стабилни состојби продолжуваат и во мај. Она што е многу важно во овој контекст е дека нема потреба од никаков страв, депозитите на граѓаните се безбедни” – охрабри гувернерката Ангеловска-Бежоска.