Владината мерка 14.500 што важеше за април и мај постои можност да важи и за јуни по истите критериуми. Предлог уредба е изготвена и таа треба да се разгледа на денешната владина седница,најави министерката за финансии Нина Ангеловска денеска на прес-конференција.

-Интенцијата на Владата е да го помогне стопанството и економијата. Случувањата, анализите и очекувањата ни даваат за право и простор да цениме дека постои можност за продолжување на мерката за уште еден дополнителен месец, односно истата да важи и за јуни по истите критериуми и за што имаме изготвено предлог уредба. Денеска Генералниот секретаријат ќе предложи предлог уредбата до Владата за истата биде донесена и усвоена во текот на ова седница и со тоа да се даде потребната, барана поддршка на бизнис заедницата согласно можностите, рече Ангеловска одговарајќи на новинарско прашање.

Таа потенцира дека секогаш Владата има за цел да направи се за во рамки на своите можности да ги помогне, да ги поддржи исто така и стопанството и граѓаните.

Истакна дека за првиот месец од воведување на мерката беа исплатени околу 30 милиони евра, вториот месец ќе биде нешто под 30 милиони затоа што 1000 компании помалку аплицирале, додека 18000 се преклопуваат во првиот и вториот месец, а има и дел нови 2500 компании кои аплицирале само за вториот месец да добијат поддршка.

Ова, според министерката, укажува дека дел што не аплицираат за вториот месец работеле со поголеми падови во првиот месец и во вториот месец имаат опоравување и не побарале помош.

-Од друга страна се дава поголема флексибилност на сите оние кои во третиот месец имаат потешкотии, поголеми падови на приходите од 30 отсто,иако како што кажавме целта на мерката беше додека важат рестриктивните мерки и додека е најголем ударот врз економијата да се помогне да го надминат овој период со фокус да ги задржат работните места и да ги исплатат платите, а со што беа опфатени околу 140000 вработени. Естимацијата е дека за третиот месец ќе биде нешто под 30 милиони евра, ако имаме предвид дека дел од компаниите се реотворени, работат, можеби со помал капацитет, потенцира Ангеловска.

Министерката додде дека се одвоени 5,9 мијлијарди денари за мерката се со цел во третиот сет пакет мерки, кога беше претставуван да се каже дека има одреден бафер или слободен простор, за согласно случувањата во економијата, ако се процени дека има потреба да се даде дополнителна поддршка или помош или евентуално продолжување на дел од мерките.

Согласно податоците на Управата за јавни приходи во април поддршка со мерката 14.500 имало за 21.215 компании, додека во мај 20.507.