Министерката за финансии, Нина Ангеловска, во денешното издание на “Отворено студио” на 24 телевизија запрашана дали економските мерки беа воведени со задоцнета динамика со оглед на фактот дека здравствената криза неминовно најави општа криза во сите ресори на државата, со одговор:
“Критиката секогаш ја прифаќаме и кога има основ правиме корекции, гледаме сите страни да бидат задоволени и покажуваме огромна флексибилност. Меѓутоа, прво за да носиме конкретни уредби со законска сила требаше да имаме прогласено вонредна состојба за да може мерките да бидат ефективни и да може да се користат. Второ, потребно беше да се направи прераспределба за да се проценат фискалните импликации на тие мерки и за да може оперативно да се прогласат.
Мерки се најавени во многу други земји, но дел од нив сè уште не се оперативно спроведени. Ние навистина бевме посветени што побрзо овие мерки да се стават на располагање и сите мерки од сите сетови се сега оперативни и компаниите аплицираат и ги користат. Еве гледаме од бескаматните развојни кредити веќе се исплатени 2,2 милиони евра кои компаниите веќе ги имаат добиено на сметките” – истакна Ангеловска.