Министерката за финансии Нина Ангеловска истакна дека кредитот од Светска банка бил со исклучително поволни услови и со рок на исплата од 15 години, грејс-период од пет години и каматна стапка од шестмесечен ЕУРИБОР.

„Секој вложен денар во инфраструктурата се враќа четирикратно повеќе во економијата. Развојот на локалната инфраструктура е значајна за развој на локалната економија“, рече Ангеловска.

Општините не знаат да аплицираат за грантови

Претходно, 1,1 милион евра од Светска банка беа издвоени за помош околу подготовката на проектните документации бидејќи, како што посочи министерката за финансии Нина Ангеловска, општините немаат капацитет да подготват соодветен проект. Затоа, со помош на проектната единица во Министерството за финансии, досега беа изработени документации за околу 45 општини. Според Ангеловска, до крајот на март се очекува да бидат предадени и документациите на другите општини.

Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, денеска изјави дека е оптимист дека реализацијата на проектите ќе биде брза бидејќи, како што рече, залудно е да се почнат ако не се завршат.