Актуелната партија на власт СДСМ има водство од 1,7 проценти пред опозициската ВМРО-ДПМНЕ, покажува анкетата направена од Институтот за демократија и МЦМС, пренесе Канал 5.
Доколку утре би се одржале изборите, СДСМ би освоила 22,1% од гласовите, а ВМРО-ДПМНЕ 20,4%. Трета е ДУИ со 6,6%. Со рејтинг од 1 до 3 проценти се појавуваат уште и Алијансата на Албанците, Левица и Беса на Касами.
Анкетата прави и поделба по региони, а според истражувањето владејачката СДСМ најголема поддршка има во Југоисточниот и источниот регион, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ најдобар рејтинг има во Југозападниот и Вардарскиот регион, ДУИ во Полошкиот. За останатите региони нема податоци.
Според истражувањето, и двете најголеми партии имаат пад на рејтинзите, споредбено со ноември минатата година. Незадоволството од двете главни партии го потврдува и податокот дека половина од испитаници рекле дека има потреба од нова партија.
Во истражувањето, мерен бил и личниот рејтинг на политичарите.. Прв е Заев со 16,5, а веднаш зад него е Христијан Мицкоски со 14,2. Трет е Али Ахмети со 6,9 проценти, а на четврто место е претседателот Пендаровски со 4,2%. На листата со рејтинг од околу 2 % се појавуваат уште и Никола Димитров и Зијадин Села.