Кабинетот на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, не одговори на новинарски прашања за тоа кои биле донатори за новогодишната прослава на градскиот плоштад. Нема одговор ниту на новинарското прашање колку ќе ги чини скопјани поставувањето и одржувањето на јавните монтажни тоалети на повеќе локации во градот, пишува Цивил Медиа.

Редакцијата на Цивилмедиа, денеска претпладне, на наведената адреса на кабинетот на градоначалничката упати прашања за овие теми преку електронската адреса оставена за контакт со кабинетот на Арсовска на веб страницата на Град Скопје, а и телефонски во директен разговор со службеничка во кабинетот.

„Кои се фирмите донатори за новогодишната прослава на градскиот плоштад во Скопје? Дали Град Скопје има склучено договор за соработка во соодветна процедура со овие донатори, дали може тие документи да бидат дадени на увид на редакцијата и на јавноста воопшто? Дали за поставувањето на јавни тоалети низ градот има распишано тендер или дали има спроведено постапка за јавна набавка, кога е спроведена таа процедура, има ли документација за тоа и дали може јавноста да ги добие документите за таа јавна набавка?“, се прашањата упатени до кабинетот на Арсовска.

Дополнително, Цивилмедиа праша и по е-пошта и телефонски кај кабинетската службеничка во Град Скопје и за тоа колку ќе ги чини граѓаните поставувањето на јавните тоалети и нивното одржување, дневно, месечно или годишно, во зависност од тоа каков тип договор е склучен.

До крајот на работното време, иако не се работи за податоци за кои треба многу време за да се пронајдат и достават до јавноста, одговор на овие прашања не беше испратен до Цивилмедиа.

Цивилмедиа ќе продолжи да ги бара одговорите преку други законски механизми за транспарентност на институциите, пишува Цивил Медиа.