Назначениот директор Бојан Христовски, како вработен во МВР, не успеал да се стекне со безбедносен сертификат за користење класифицирани информации до степен „државна тајна“.

Агенцијата за национална безбедност, која не му овозможила влез во нејзините структури, за него е „реформирана севернистичка безбедносна служба“.

Професорката Мирјана Најчевска јавно прашува кои се мотивите и која е креативноста што привлекла лице кое магистрирало безбедност и долги години било на високи позиции во МВР да се нафати да води паркинг-служба

Повеќе од 10 години работел во МВР, ама во 2020 година не го минал „безбедносниот филтер“ во Агенцијата за национална безбедност (АНБ), односно во институцијата наследничка на некогашната Управа за безбедност и контраразузнавање… Овој податок, иако е валиден, не е запишан во кусата биографија на Бојан Христовски, новиот директор на „Градски паркинг“, што Град Скопје денеска ја испрати до медиумите информирајќи дека од директорската позиција во ова градско претпријатие е сменет Филип Пасху, кој беше назначен на функцијата пред само две седмици.

Во биографските податоци што од Град Скопје ги испратија до медиумите се наведува единствено дека Христовски е магистер на науки на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“, а во својата струка има поминато повеќе меѓународни обуки. Се посочува и дека од 2006 година има работно искуство во Министерството за внатрешни работи, каде што бил на повеќе на раководни позиции.

Откако скопската градоначалничка Данела Арсовска извести дека го именувала Христовски за директор, од нејзиниот кабинет рекоа дека соопштението што го испратиле до јавноста е единствената информација и став што можат да ги споделат денеска.

За Бојан Христовски и неговото непоминување на филтерот за влез во АНБ пред една и пол година пишуваше радиото „Лидер“. Како што објави тогаш медиумот, Бојан Христовски, вработен во МВР, магистер на науки од областа на криминалистиката и криминологијата, не успеал да го мине „ситото“ за добивање безбедносен сертификат за користење класифицирани информации до степен „државна тајна“. Тоа, според толкувањето на радиото, не е поради неговото „кристално чисто лично и работно досие, туку поради учеството на неговиот татко Љупчо Христовски на протестите против промената на името на државата Република Македонија“.

„По долгогодишните голготи, приредени од актуелната извршна власт, и покрај многубројните домашни и меѓународни признанија и обуки, ја напуштам службата и продолжувам да им служам на граѓаните како директор на најголемото претпријатие за паркинзи во државава“,напиша денеска на Фејсбук, Бојан Христовски, кого новата градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, денеска го именува за директор.
Радиото „Лидер“ во јули 2020 година објави и документи за безбедносните проверки низ кои поминувал Христовски, кој тогаш изјавил дека веќе води постапка пред судовите поради тоа што му е одземен безбедносниот сертификат.

Целиот текст на 360 степени.