Проф. д-р Петар Атанасов, кандидат за ректор на УКИМ и професор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје, во вечерашното гостување на “Отворено студио” на 24 телевизија ја образложи својата програма и истакна дека ќе се бори за постигнување на финансиска автономија на најстариот универзитет.
Атанасов во тој контекст додаде дека новиот Закон за високо образование даде многу можности за автономија во повеќе области, но дека е потребно да се постигне и целосна финансиска автономија. Тој истакна дека доколку УКИМ сака целосна автономија тогаш ќе треба да се олабави и финансиската автономија која според него отсекогаш била камен на сопнување бидејќи со тоа некои чинители сакаат да имаат поголема контрола врз универзитетот. Според Атанасов, финансиска автономија значи послободна мисла и послободни идеи.
Атанасов објасни дека неговата програма е базирана на пет столба:
- внатрешно искористување на сите внатрешни потенцијали и синергизирање на истите или функционална интеграција
- финансиска стабилност
- на студентите да им се даде тоа што го бараат
- вмрежувањата во европскиот академски простор
- влез во општеството и економските процеси и излегување од изолација
Атанасов упати и порака до јавноста и до целата универзитетска заедница зошто тој заслужува да биде избран за нов ректор на УКИМ:
“Во животот многу пати сум имал можност да учествувам во сложени и важни процеси и секогаш сум се трудел тие да завршат успешно. Имам енергија, идеи, мислам дека можеме да започнеме нов процес на развој и ветувам три работи: ветувам многу работа, ветувам повеќе пари и ветувам поголемо задоволство од сработеното бидејќи време е повторно да се гордееме со нашиот универзитет онака како што се гордеевме пред 20 или 30 години” – порача Атанасов.