Нова аудиоснимка утрово е објавена на Јутуб каналот „Рекет“ во која се слушаат гласовите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Зоран Милески – Кичеец, еден од осудените во „Рекет“.
Снимката трае 23 секунди, и се однесува на начинот на кој биле платени автобуси за протестот што против владините политики го организираше опозициската партија на 2 јуни. Разговорот кој го водат двајцата соговорници е следен:
Кичеец: „Најди си лик, не знам, имал тој некој пријател добар, нешто ваму-таму, ја ќе појдам само да не појдит само, никако во партија да не влезит, тие се муабетите“
Мицкоски: „Сашо никогаш не дојде во партија, скршен од мака. Сашо даде два пати по 5 000 евра за автобусите за 2 јуни, тоа е од Сашо донација“
Кичеец: „Ја ќе ви кажам нешто …“
Во петокот на истиот канал на Јутуб се појави уште една снимка. Во тој разговор, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ му се жали на соговорник (Зоран Милески-Кичеец) дека бил сликан при доаѓање на средба со Орце Камчев, додека бизнисменот е под посебни истражни мерки.
Во саботата на истиот овој канал се појави снимка насловена како „Рекет2“ (илустрирана со чанта ‘луј витон’ и фотографии од Мицкоски и Орце Камчев) која е продолжение на веќе објавени делови од разговор меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и Кичеец.
Во разговорот, освен гласовите на Мицкоски и Кичеец, се слуша и женски глас, кој најверојатно е на Слободанка Алексовска, ексдиректорка на Центарот за вработување во Скопје, а сега директорка за човечки ресурси во „Аџибадем Систина“.
На 8 мај, исто така, се појавија снимки во кои двајцата разговараат за соработка за изборите во Охрид.
Извор: 360 степени