Попладнево на Јутјуб каналот „golata poljana“ се појави аудиоснимка на која стои фотографија на советничката во Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Јелена Жугиќ и за која се тврди дека е нејзиниот глас.

Од она што се слуша, таа е во посета на партиски општински комитет, но не може да се утврди времето од кога е снимката.

– Ние не се бориме со Заев, со бориме со Брисел, со Вашингтон. Ова е озбилна и долгорочна стратегија. Ова е стратегија на декомпонирање, да се заврши она што не се заврши во 1913 во Букурешт. И оваа мала Вардарска што ни остана и таа да ни ја земат, оти сме папокот на светот, оти е Патот на свилата. Нам не ни треба ЕУ, ние и требаме на неа, ние имаме води, жито, рудници, ниви, и од Бога талентиран, кроток, мил народ, вели гласот за кој се тврди дека е Жугиќ.

На снимката се слуша како гласот за кој се тврди дека е Жугиќ кажува дека доколку замине Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ, тогаш ќе заминат сите.

– Немојте да мислите дека ние како не знам кој ешалон ќе останеме. Притоа партијата ќе ни ја преземе некакво криминално здружение. Да не се лажеме, сите оние бомби, криминали, што не демонизираа, не правеа бандити, ни го осудија Никола Груевски за мерцедесот… Седиме во удобни општински комитети со парно, убави столчиња. Централата ни е со велелепни лустери, црвени теписи, со махагони астали и чувствувото ни е дека сме конфорни. Јас не можам да седам на овие состаноци, јас сум тргната во војна, се вели во аудиоснимката.