Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески смета професионалната биографија на новиот бугарски премиер Кирил Петков е фактор којшто ветува дека ќе помогне во хармонизирањето на македонско-бугарските релации. Според Азески, пресвртот во решавањето на споровите ќе дојде тогаш кога ќе дојдат новите генерации, а според него токму Петков е претставникот на новите генерации и предвесник на овие промени.

Азески истакна дека вербата за резолуција на актуелните спорови е во младите генерации коишто треба да покажат лидерство слично на она во Западните системи. Во таа насока, тој истакна и дека токму Петков е тој што треба да биде оној што ќе треба да ги направи тие чекори коишто ќе треба да донесат развој и просперитет во регионот.

Во своето гостување на вчерашното издание на Топ Тема, Азески истакна дека потребено е на хоризонтот за решавање на актуелните спорови да дојдат луѓе што ќе ја надминат историјата и ќе ја покажат иднината. И во своето јавно обраќање коешто Азески го имаше минатиот месец, а и во вчерашното гостување тој ја истакна потребата од формирање на таканаречена „Комисија на иднината“ којашто треба да почива на економски параметри и којашто ќе отвори нови перспективи и за двете држави.

„Балканот е обременет со многу проблеми. Единственото врзно ткиво за овој регион може да биде само бизнисот. Оваа теза ја застапувам, во неа верувам и за неа се борам“ – изјави Азески.

Во своето гостување Азески дополнително се осврна на идните инвестициски подвизи коишто треба да ги приближат економиите на Северна Македонија и Бугарија како изградбата на железничката пруга којашто треба да ги поврзува и двете држави, патната инфраструктура и трговската размена како главни економски предизвици.