Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој обезбедува кофинансирање на трошоците за набавка на комбајн со уред за сечење на сламата, за земјоделците кои имаат засеано минимум еден хектар со ориз.

Се работи за нова финансиска поддршка од мерката „Инвестиции за модернизација на земјоделски стопанства“ што денеска, на средба со оризопроизводителите од кочанскиот регион, ја најави директорот на Агенцијата, Никица Бачовски. Пријавувањето на заинтересираните земјоделци ќе трае до 15 мај, а средствата ќе се доделуваат во периодот на реализација на деловниот план и ќе се исплаќаат на годишно ниво.

– За поддршката можат да аплицираат земјоделски стопанства кои се впишани во Единствениот регистар, а се индивидуални земјоделци, како и трговци поединци и трговски друштва, земјоделски задруги кои се впишани во регистарот на задруги. Вкупната прифатлива сума по корисник е 3,5 милиони денари, а поддршката се исплаќа по принцип на кофинансирање на инвестициите на корисникот, во висина до 50 отсто од вредноста на одобрените прифатливи трошоци. Ставката за кофинансирање се зголемува на 55 отсто за носители на земјоделско стопанство на возраст од 18 до 40 години и до 60 отсто за стопанство во подрачје со ограничени можности. Исто така, има зголемување до 65 отсто за носител на стопанство на возраст до 40 години во подрачје со ограничени можности и до 75 отсто за инвестиции во недостапни рурални заедници, истакна директорот Бачовски.

Барањата за финансиска поддршка се поднесуваат електронски до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој на веб-страницата e-baranje.ipardpa.gov.mk, по што ќе се изврши нивно рангирање со бодување.

Целта е да се влијае врз намалување на производните трошоци и загубите во оризопроизводството, а ќе се помогне и во решавање на проблемот со остатоците од жетвата и спречување на палењето на оризовата слама.