Насмевки и уживање за сите генерации со различни артисти: жонглери, кловнови, аниматори, креатори, донесе синоќа познатиот уличен фестивал „Баскерфест“, што се одржа на летната сцена на градскиот плоштад во Крива Паланка.
Уникатниот концепт на познатиот уличен фестивал го раздвижи градот и го преполни плоштадот во Крива Паланка.
– „Баскерфест“ е фестивал што има уникатен концепт различен од сите други улични фестивали, со артисти што приредуваат програма за сите генерации, од најмлади до највозрасни. Имаме артисти од целиот свет, кои настапуваат под мотото „баскерфест“, што потекнува од англо-саксонскиот исказ „претстава за бакшиш“. Ние сме единствени на Балканот, јас сум бил директор на овој тип уличен фестивал и во Црна Гора, во Будва и Котор, во Шибеник и Сплит, Хрватска, како и на „Баскерфест“, Торонто, Канада. Тие фестивали замреа, а ние ја продолжуваме традицијата, 17-та година по ред. Драго ми е што успеваме да предизвикаме насмевки и задоволство кај сите што го проследија фестивалот во Крива Паланка и што секој си го пронајде своето шоу, изјави Пане Темов, организатор на „Баскерфест“.
Фестивалските гости ги анимираа публиката, минувачите и посетителите, донесоа радост и незаборавни моменти за присутните благодарение на „Крива Паланка – Град на културата“ и „Кривопаланечко културно лето 2024“.
На програмата вечерва се „Гига Фест“ и шоуто на кловнот Дарко Ѓурчиновски.