Сивата економија ја поткопува конкурентноста на фирмите и поединците и претставува неправична и незаконска „предност” на оние кои не ги исполнуваат законските обврски, истакнал министерот за финансии Фатмир Бесими, кој заедно со вицепремиерот за борба против корупцијата, криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски разговараа со претставници на бизнис секторот за мерките од Акцискиот план за сузбивање на сивата економија и на планот за сузбивање на корупцијата „Акција 21“.

На состанокот, како што соопшти Министерството за финансии, Бесими оценил дека сивата економија го нарушува интегритетот на целиот даночен систем и влијае штетно врз буџетот и наплатата на приходите. Токму затоа целта на Акцискиот план на Министерството за финансии е во насока на зајакнување на механизмите за сузбивање на сивата економија.
Nikolovski– Усвојувањето на овој акциски план е резултат на заложбата на државата да ја намали сивата економија, имајќи во предвид дека нема земја каде што сивата економија, како феномен, не постои. Одговорност е на државата да ја подобрува правната и економска околина во која најлесен и најисплатлив начин за развој на бизнисите е легалното работење, водејќи се по принципите на рамоноправност, објективност и транспарентност, преку обезбедување на јасни прописи и правила лесни за следење и почитување, како и обезбедување на санкции за оние кои не ги применуваат и почитуваат, истакнал Бесими.

Акциониот план на Министерството за финансии содржи шест приоритети – унапредување на процесот на следење и детектирање на сивата економија, ефикасни инспекциски служби, подобро деловно опкружување за основање и раст на компаниите, јакнење на свеста за сивата економија, адресирање на сивата економија во е-трговијата и мерки на Царинската управа во борбата против неформалната економија. Со спроведување на мерките и активностите се очекува намалување на сивата економија на среден рок за околу пет процентни поени, која сега се проценува на околу 37 проценти од БДП согласно индикаторите на Меѓународниот монетарен фонд.
Nikolovski11Според вицепремиерот Николовски, корупцијата предизвикува несакани последици кои го нарушуваат доброто менаџирање и управување со бизнисите и затоа е важно да се обезбедат услови кои ќе овозможат напредок на бизнисот.

– Корупцијата како општествено лоша појава предизвикува несакани последици кои го нарушуваат доброто менаџирање и управување со бизнисите. Од исклучителна важност е да обезбедиме услови преку системски решенија и закони кои ќе овозможат напредок на бизнисот, кои ќе придонесат за отварање на нови претпријатија,ќе ја зголемуваат трговијата и извозот и кои ќе овозможат отварање на поголем број на работни места за младите генерации кои се нашата иднина, нагласил Николовски.

Од бизнис-заедницата е посочено дека делувањето во насока на решавање на сивата економија и корупцијата е неопходно за градењето на здрав економски систем кој ќе продуцира додаена вредност и економски раст.

На дискусијата, покрај министрите, присуствувале и директорите на Управата за јавни приходи, Царинска управа, Управата за финансиско разузнавање, Финансиската полиција и Девизниот инспекторат, а од бизнис заедницата присутни биле претставници од Стопанската комора, Сојузот на стопански комори, Комората на Северозападна Македонија, Советот на странски инвеститори, Асоцијацијата на компании со технолошко напредно искуство, Делегацијата на германското стопанство, Американската стопанска комора, МАСИТ, МАТТО и Асоцијацијата за е-трговија.