Преку реструктуирање на буџетот ќе се направи простор и за евентуални мерки кои ќе помогнат во надминување на кризата. Секаде каде што може, ќе се крати со ребалансот, на кој веќе се работи, пишува во својата колумна министерот за финансии, Фатмир Бесими. Тој посочува дека тековната криза е афтершок од пандемијата и како таква би требало да биде послаба од првичниот удар, како и дека основните сценарија на меѓународните финансиски организации за годинава предвидуваат раст за глобалната и домашната економија.

„Во Министерството за финансии веќе се одвиваат консултации со институциите за степенот на реализација на проектите и тековните расходи. Она што со сигурност како министер за финансии можам да го кажам е дека ќе бидеме максимално конзервативни, секаде каде што може – ќе се скрати. На тој начин ќе се направи повеќе простор за нови реакции и мерки, кои со оглед на ситуацијата, најверојатно ќе бидат повторно потребни“, пишува Бесими.

Министерот за финансии посочува дека досегашниот одговор на Владата на тековната криза е еден од најсилните во регионот.

„Од почетокот на кризата, одговорот на Владата изнесуваше 615 милиони евра за мерки за поддршка на економијата и граѓаните. Оваа сума е меѓу најсилните одговори на кризата во регионот. Хрватска има издвоено околу 635 милиони евра, Грција 500 милиони евра, Словенија и Албанија предвидуваат по околу 200 милиони евра итн. Нашата цел како Влада е да дадеме поддршка на граѓаните, на ранливите категории пред се, да го задржиме здравјето на економијата и да ја надминеме оваа криза, а потоа да се вратиме на патеката и целта кон која се стремиме – повисоки и одржливи стапки на економски раст“, пишува Бесими.

Министерот посочува дека војната во Украина, донесе една битна дилема за носителите на политките. Соочени со кризи, една после друга, а справени со предизвикот да не се отстапи од зацртаната амбиција за раст и развој, неизбежно се наметнува триаголникот во остварување на трите цели: справување со кризата, одржување на растот и фискална консолидација.