„Регулаторната комисија за енергетика е во постојана комуникација со Владата за сите прашања за енергетската криза, Владата е информирана и се усогласуваме. Имаме проблем како да се покрие реалниот трошок за природен гас, а Владата помага за подобрување на ликвидноста на БЕГ Производство со тоа што сите јавни и државни институции плаќаат реална цена за топлинска енергија“ кажа претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24.

Тој додаде дека ова се чекори кои се преземаат и реализираат со цел ублажвуање на ефектите од енергетската криза и помагање за одржување на ликвидноста на БЕГ.

„Ниту еден регулатор не сака да се доведе во ситуација да донесе енормно зголемување на цената. Ако се водевме по цената на берзите од 1480 долари за нормален метар кубен природен гас, тогаш цената на парното ќе се зголемеше за 200 отсто, но тоа не е решение“ кажа Бислимовски.

Тој додаде дека РКЕ има одлука да цената по која ТЕТО продава топлинска енергија на БЕГ Дистрибуција е намалена за 15 отсто по однос на цената од 2018 година, а скратени се и изнајмувањата на автомобили од страна на БЕГ Холдинг на БЕГ Дистрибуција.