Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се сретна со новоименуваната амбасадорка на Израел, Н.Е. г-а Симона Франкел, на која и честиташе за новата функција и посака во нејзиниот мандат да продолжи да се продлабочува соработката помеѓу Израел и Северна Македонија и да се негуваат веќе воспоставените одлични дипломатски односи.

На почетокот на средбата, Амбасадорката Франкел, во име на израелскиот народ, изрази сочуство до граѓаните на Република Северна Македонија и до семејствата на загинатите во автобуската несреќа која што се случи во Република Бугарија.

На средбата се разговараше за унапредување на економската соработка помеѓу двете земји, а соговорниците се согласија дека има голем потенцијал за партнерство и размена на искуствата за развојот на иновациите, особено иновации во земјоделското производство и преработка на земјоделски производи, поттикнувањето, како и развојот на старт-ап компаниите и унапредување на старт-ап еко системот.

Вицепремиерот Битиќи и амбасадорката Франкел, на оваа иницијална средба, искажаа подготвеност за соработка во насока на унапредување на дипломатските, политичките и економските односи помеѓу Израел и Северна Македонија.