Животниот стандард на граѓаните го заштитивме, мерките кои Владата ги креираше и спроведуваше како одговор на високите стапки на инфлација предизвикани од економската и енергетската криза, дадоа мерливи резултати, објави вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

„Според податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС) во декември 2023 година стапката на инфлација изнесува 3,6%, што е за околу пет пати пониска од таа што е беше измерена во декември 2022 година, кога изнесуваше високи 18,7%.

Успеавме да постигнеме ниска и стабилна инфлација, цените на потрошувачките добра и услуги да растат на умерен и предвидлив начин, со што се создаваат услови и за постепен раст на реалниот доход на сите наши сограѓани, а тоа носи и сигурност на пазарот. Намалувањето на инфлацијата значи и стабилно опкружување за бизнисот, со што се поттикнуваат нови инвестиции и отворање на нови работни места, со достојни плати за граѓаните.

Економските политики на Владата освен што доведоа до намалување на инфлацијата, успаа да поттикнат се поголем и поголем раст на платите. Според последните податоци на ДЗС во однос на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во октомври 2023 година, таа изнесуваше рекордни 38.843 денари, односно истата во однос на октомври 2022 година се има зголемено за 17,3% или за 5.739 денари за една година.

Овој тренд на зголемување на реалната куповна моќ на граѓаните, го поставивме на цврсти системски основи со носењето на законски утврдените методологии за раст на минималната плата и пензиите, што секако ќе продолжи и во 2024 година.

Со Законот за нефер трговски практики, откако ќе ја помине собраниската процедура, ќе се стави дополнителна бариера за заштитата на животниот стандард на граѓаните од ценовни шокови предизвикани од нефер трговски практики. Со регулирање на 26 трговски практики нема да се дозволи да се користи моќта на одредени компании преку уредување на условите и начинот на кој се врши трговијата со земјоделски и прехранбени производи“ се наведува во објавата на Битиќи на социјалните мрежи.