„Во 2016 кога дојде Владата предводена од СДСМ, минималната плата беше девет илјади денари или 38,3 отсто од просечната плата. На крај на 2021 година, просечната плата изнесуваше 29.145 денари, само илјада денари помалку од даденото ветување од 500 евра, додека минималната плата е 15.140 денари што е 52.2 отсто од просечната“ кажа вицепремиерот за економски прашња во Владата, Фатмир Битиќи во емисијата „Економски магазин“ на АлсатМ.

Тој додаде дека помеѓу приоритетите на новата влада е покачувањето на минималната плата на 18 илјади денари со што минималната плата ќе дојде до скоро 59 отсто од просечната, што е и барање на синдикатите.

„Тоа ќе се случи набргу, не би зборувал за временски термини, бидејќи не ни се потребни временски рамки, туку дијалог, но дека ќе се случи брзо, ќе се случи“ кажа Битиќи.

Тој додаде дека здравствената, економската и енергетската криза се испречиле пред покачувањето на минималната плата, но најави дека веќе следната недела новата влада ќе започне со работа на Националната развојна стратегија, која ќе даде одговори за борбата против сиромаштијата.

„Секоја интервенција, без разлика во кој сектор, дали е образование, здравство, економија, ќе го зема моментот на сузбивање на сиромаштијата како еден од приоритетните моменти за креирањето на политики“ заклучи Битиќи.