Во рамките на континуираниот процес на дијалог и дискусија помеѓу Владата и другите органи на државна управа со преставниците на бизнис секторот, во Владата на Република Северна Македонија се одржа редовна седница на Комисијата за јавно-приватен дијалог со која ко-претседаваше Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, а присуствуваа и заменикот министер за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, државната секретарка во министерството за економија Размена Чекиќ Дуровиќ, директорот на Бирото за јавни набавки, Борче Хаџиев, советникот на претседателот на Владата Милан Живковиќ, претставници од Министерството за труд и социјална политика, како и претседателите на стопанските комори, членки на Платформата за јавно-приватен дијалог Трајан Ангелоски (Сојуз на стопански комори), Неби Хоџа (Стопанска комора на Северозападна Македонија), Анета Антова Пешева (МАСИТ) и претставникот на Стопанска комора на Северна Македонија, Зоран Јовановски.

На седница се дискутираше за повеќе актуелни теми поврзани со економијата, како што се активностите кои ги презема Владата во однос на актуелната енергетска криза, за измените во однос на „недела неработен ден” и за статусот на подготовка на новиот системски Закон за работни односи, процесот на намалување на бројот и износот за парафискалните давачки, дигитализација во администрацијата и други теми кои се во интерес на стопанството и економскиот развој на Република Северна Македонија.

Вицепремиерот Битиќи и државната секретарка Чекиќ Дуровиќ на почетокот ги информираа присутните за активностите преземени од Владата, министерството за економија и другите државни институции кои имаат надлежности во електро-енергетскиот сектор, при што констатираа дека се прават напори да се максимизира производството на електрична енергија од домашни производители. Присутните беа известени дека Владата будно ја следи состојбата и редовно одржува состаноци на кои се дискутираат чекорите потребни да се амортизира состојбата која е предизвикана од енергетската криза во Европа, при што се ставени во функција термо електраните во Битола, Осломеј и Неготино, се следи операционализација на планот за набавка на ресурсите потребни овие капацитети да работат непречено, паралелно се работи на зголемување на производсвото на електрична енергија од обновливи извори, пришто веќе се усвоени четири стратешки проекти за изградба на вакви големи капацитети (фотонапонски централи и ветерни електрани), а се планираат и други мерки со кои ќе се заштитат граѓаните, особено ранливите потрошувачи од евентуалните покачувања на цената на струјата.

Заменикот министер за информатичко општество и администрација Бајдевски, во однос на активностите за дигитализација на администрацијата, посочи дека во изминатиот период се направени сериозни чекори напред, а информираше дека во 2022 година се планира во системот на интероперабилност од сегашните 30 државни институции да бидат поврзани 100 државни институции, додека во системот за управување со документи од сегашните 20 институции, да се поврзат околу 300, со што значително ќе се подобри ефикасноста и ефективноста при постапувањето на државните органи.

Во однос на „недела неработен ден”, соопштено е дека се направени измени и се очекува Собранието наскоро да ги усвои, пришто законското решение би стапило на сила од 1 јануари 2022 година. За новиот системски Закон за работни односи, кој сеуште е во работна верзија, од страна на претставничката од Министерството за труд и социјална политика, присутните добија уверување дека кога ќе се финализира предлог текстот, истиот транспарентно ќе биде споделен со сите засегнати страни, пред да влезе во официјална процедура, се со цел да се донесе нов модерен и европски Закон, кој ќе биде во интерес на максимална заштита на работничките права, но и за поголема флексибилност на работодавачите.

Присутните беа запознаени и со процесот на намалување или скратување на парафискалните давачки, при во процесот на мапирање, идентификувани се 337 парафискални давачки и следува постпката на нивно ревидирање, кое ќе се изврши со претставниците на деловната заедница, по што ќе се утврди кои од парафискалните давачки ќе се укинат или ќе се намалат и за колку.