Следната година, механизмите како што се Гарантниот фонд, Зелениот инвестициски фонд, поддршка на извозните компании итн. ќе треба да акумулира портфолио од околу 150 милиони евра кредитирање на компаниите под поволни услови. Вкупно би кажал за 2022 година, надвор од енергетската криза во која што имаме обезбедено средства, поддршката на компании ќе биде за 30 отсто поголема од оваа година, истакна на денешната прес-конференција вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економски ресурси и инвестиции Фатмир Битиќи.

Тој, одоговарајќи на новинарско прашање околу помошта за компаниите за следната година наведе дека и во 2022 година продолжуваат со истото портфолио како и досега – Планот за економски раст преку инструментите кои што се таму, а тоа е Законот за финансиска поддршка на инвестиции,  Фондот за иноваци и технолошки развој и Дирекцијата за ТИРЗ.  Буџетот што го ставаат на располагање за следната година ќе биде 60-ина милиони евра.

– Но овде не треба да го занемариме сегментот којшто е во другите програми на министерствата коишто се редовнит програми за поддршка на стопанството, дали е тоа поддршка на претприемништвото, дали се тоа други мерки во Министерство за економија или, на пример, се веќе неколку инструменти коишто ги воспоставивме, а се дел од Развојната банка на Северна Македонија, а токму во периодот на КОВИД механизмите за поддршка на стопанството беа креирани во изминатиот период, посочи Битиќи.

Во однос на енергетската криза наведе дека постојано ги следат состојбите и се во секојдневна комуникација со стопанските комори.

– Ние како Влада ги преземаме сите мерки, а тоа е да обезбедиме доволно електрична енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи. Да не заборавиме малите потрошувачи се потрошувачите коишто доаѓаат од стопанството. Нашата економија е структуирана на тој начин што 97,8 отсто се микро и мали претпријатија. За нив веќе е обезбедено сигурно електрична енергија во наредните шест месеци од 2022 година и затоа јавноста треба да биде добро информирана. Тоа значи дека државата осигурува цена за малите потрошувачи со повластена тарифа надвор од берзанските цени. За сите други веќе ние правиме разговори, ќе видиме дали има начин како заемно да се поддржува, истакна Битиќи.

Во врска со помошта што ја побараа компаниите поради ненадејното откажување на договорите од страна на добавувачите на електрична енергија, вицепремиерот нагласи дека  државата не може да се меша затоа што договорите се направени според либерализираниот пазар во енергетика во којшто секој влегува во облигациски меѓусебни обврски.

– Ние не можеме да влеземе, но секако веќе со РКЕ дискутираме дали основот на раскинување е соодветен според Законот за облигациски обврски и според Законот за енергетика. Ако видиме дека има прекршување на тие одредби секако Владата ќе интервенира. Во овој момент за наша среќа, среќа на граѓаните, на стопанствениците, берзанските цени на електрична енергија паѓаат и затоа укажувањето дека некој ќе понуди цена од 500 евра за мегават час за следната година сметам дека се несериозни. Го знаете мојот став околу такви неморални, неетички однесувања во пазарната економија, образложи Битиќи.

На новинарско прашање за најавите за зголемувањето на цената на гасот рече дека се следат состојбите и оти би требало денеска или утре да се знае по која цена е обезбедена потребната количина на гас за нашата држава.

– Таму имаме оператори коишто снабдуваат количини на гас,  ги следиме состојбите на тој пазар,  либерализиран пазар – ќе видиме со која цена снабдувачот на гас во нашата земја ќе обезбеди соодветна цена на гас. Се уште преговорите не се завршени, најверојатно би требало денеска – утре веќе да се знае по која цена е обезбедена количината на гас потребна за нашата држава во наредниот период, наведе Битиќи.