Денеска е многу полесно да зборуваме затоа што имаме показатели, како се развиваше состојбата од март досега и како се движи економијата и сега можеме да правиме проекции, кои нема да бидат сто отсто точни, но веројатноста да погрешиме е многу помала, вели Фатмир Битиќи, советник на премиерот, коментирајќи ги досегашните мерки, нивната ефикасност и влијанието врз економијата.

Во вечерашното гостување во Топ тема на ТВ Телма, Битиќи кажа дека во март и во почетокот на април, кога се носеле првите мерки, имало многу непознаници – против што се бориме и колкав ќе биде ударот, поради што и тие биле многу внимателни за да не се загрози стабилноста на буџетот и на државата.

„Прв пат оваа држава се наоѓа во ситуација на вонредна состојба во која треба еден закон преточен од 150 страници да го пропишете на две страни… Начинот како е пропишано сите го толкувавме различно. Исходот од последните уредби е токму затоа што ги слушаме сите чинители и дојдовме до најдоброто решение што можевме да го добиеме“, вели Битиќи.

Тој предупредува дека не треба да се прават споредби со други земји, бидејќи она што го слушаме се мерките, но не знаеме како тие административно се спроведуваат, односно какви се законските решенија.