Битолска млекара изврши предвремено плаќање на вкупните аконтативни обврски за данок на добивка за тековната 2020 година во висина од 15 милиони денари, со надеж и верба дека на тој начин ќе придонесе кон ублажување на последиците од вонредната ситуацијата настаната поради пандемијата на КОВИД 19.
Истовремено, како што соопшти, денеска донираше и финансиска помош на Клиничката болница Битола за набавка на два пациент монитора, потребни за подобрување на болничките капацитети во справување со КОВИД 19.
Компанијата во изминатиов период донираше и производи за најранливите групи граѓани во Битола кои преку Црвениот крст ќе бидат распределени според потребите и евиденциите на локалната канцеларија за хуманитарна помош.
-Во период кога целото општество се соочува се една ситуација која за сите нас носи бројни непознаници, треба да ја покажеме нашата одговорност кон заедницата. Во овие моменти потребно е да делуваме заеднички и да покажеме единство со сите државни и општествени процеси. Во тие рамки ја ставаме и грижата за локалната заедница и реагираме соодветно за да помогнеме онаму каде има потреба. Упатуваме и апел до нашите сограѓани да се заштитат, да останат дома и да бидат безбедни, за оваа криза побрзо да помине, велат од Бимилк.
Додаваат и дека донацијата за Клиничката болница во Битола е значајна и доаѓа во вистински момент. “
-Оваа помош од Битолска млекара доаѓа во навистина важен момент и значително ќе ни помогне во зајакнувањето на нашите капацитети во дадената ситуација. Се надевам дека и другите стопански субјекти во градот ќе го следат примерот на Битолска млекара во општествената одговорност, изјави д-р Билјана Гагачовска, директор на ЈЗУ Клиничка болница Битола.
Во новонастанатата ситуација Битолска млекара целосно се раководи и ги почитува препораките за заштита и превенција упатени од Министерството за здравство, и во однос на своите вработени, соработници и во однос на производите. Во исто време со примена на сите превентивни мерки воспоставено е континуирано и непрекинато производство и достава на производите до сите делови од државата.