Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против едно лице поради основано сомнение дека сторило кривично дело примање поткуп од член 357 став 6 во врска со став 3 и став 2 од Кривичниот законик.
Сомнението произлегува од фактот дека осомничениот на 27 јануари како лице што вршело работи од јавен интерес, односно доктор хирург на Одделението за хирургија при ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ – Битола, извршил интервенција – операција на жолчно ќесе врз пациентка, а потоа индиректно, преку сведок, побарал од синот на пациентката да му даде пари во износ од 150 евра за да се почестел за извршената работа. Синот следниот ден во просториите на болницата во плик му дал на осомничениот три банкноти по 50 евра. Кога осомничениот ги примил, му бил извршен претрес и овластени службени лица од СВР Битола ги пронашле и одзеле парите.
Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство.