Првиот ден од оваа седмица, регистриран е благ пад на бројот на новозаразени со Ковид-19 во однос на просекот на работните денови, кој последните месеци се движи од 10 до 16 проценти. Вчера тој процент беше 9,8 отсто, односно од направени 1549 тестирања, беа евидентирани 153 нови случаи на Ковид-19.

Освен тоа, вчера беа регистрирани и помалку заразени во однос на викенд деновите, што е реткост, бидејќи бројот на новозаразени во сабота и недела обично е помал во однос на работните денови. Викендов, тој процент беше околу 12.

Во претходното деноноќие беа евидентирани и 11 починати лица и уште две други пријавени преку „Мој термин” со датум на смрт од 22 до 31 октомври.

Вчерашната ковид-статистика бележи и 309 оздравени пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 1.386.978 тестирања на Ковид-19.
Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 202.705, бројот на оздравени пациенти е 188.849, на починати е 7.145, а бројот на активни случаи изнесува 6.711.

Според епидемиолошки анализи во моментов, во Скопје има 3399 активни случаи, следи Куманово со 413, Велес – 321, Прилеп – 291, Битола – 245, Штип – 205. Во другите градови има под 200 активни случаи.

Досега се ревакцинирани 46 отсто од полнолетните граѓани, а 30.852 лица примиле трета доза, соопшти вчера Министерството за здравство.

Заклучно со 31 октомври вкупно се вакцинирани 805.008 граѓани, а ревакцинирани се 775.825.

Педесет и четири отсто од граѓаните над 40-годишна возраст, како што се посочува, се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 57 отсто, а со две дози се опфатени 46 отсто од граѓаните над 18-годишна возраст. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина, информираат од Министерството.

Од првичниот скрининг на средношколци во Куманово, еден ученик од „Наце Буѓони” е позитивен на коронавирус, информираа вчера надлежните од Центарот за јавно здравје Куманово.

Епидемиолозите информираа дека ќе биде направен потврден ПЦР тест и ќе се постапи согласно протоколите за оваа состојба.

На првиот ден тестирани се ученици од прва смена од гимназијата „Гоце Делчев” и од стручните училишта „Перо Наков” и „Наце Буѓони”. Вчера утрото беа тестирани седум ученици од „Перо Наков”, 20 од гимназијата и 16 ученика од „Наце Буѓони”.

Во Куманово до крајот на неделава со скринингот е планирано да бидат опфатени 730 средношколци и основци за кои родителите дале согласност до 26 октомври годинава, а со скринингот требало да бидат опфатени 1.000 ученици.

Во светот досега со корона вирусот се заразиле 247 милиони луѓе, починале над пет милиони, а оздравеле 224 милиони лица.

Најголем број на смртни случаи од последици од Ковид-19 се регистрирани во САД над 745.000, а потоа следат Индија и Русија.

Вкупниот број на смртни случаи ширум светот достигна четири милиони на почетокот на јули и се зголеми за еден милион за помалку од четири месеци.

Нов негативен рекорд вчера забележа Грција со регистрирани 5.449 нови случаи на Ковид-19, што е првпат, од почетокот на пандемијата, во земјата да има над 5.000 новозаразени дневно, а во претходното деноноќие починале 52 лица. Од почетокот на пандемијата, во Грција се потврдени вкупно 747.595 случаи на Ковид-19, а починаа 15.990 лица.

Во Албанија од вчера почна аплицирање на трета доза вакцина против Ковид-19 за лица над 60-годишна возраст, кои втората доза ја примиле пред шест месеци. Вкупниот број на извршени вакцини во земјава е над 1 милион 900 илјади.

Хрватското здружение на болнички лекари изрази загриженост дека болниците во земјата би можеле да бидат преполни со пациенти тешко болни од Ковид-19. Хрватскиот здравствен систем „повеќе не постои”, се вели во завчерашното соопштение на здружението. Во хрватските болници во моментов од Ковид-19 се лекуваат 1.418 пациенти, од кои 170 се на кислородна поддршка. Вкупно 52,6 отсто од населението во таа држава е вакцинирано.

Драматично зголемување на бројот на новозаразени лица вчера е регистрирано и во Чешка, Полска и Словачка.