Министерот за транспорт Благој Бочварски, во коментар на  информациите дека уште еден автобус со фалсификувани документи ја напуштил државата превезувајќи патници, порача дека се работи на сузбивање на таквите појави. Институциите, истакна тој, бараат начин и решение за спречување на сите нелегални дејствија што ги вршат одредени превозници.

На новинарско прашање што презема Министерството  за транспорт за санкционирање на превозниците без лиценци и дали е почната проверка на сите издадени лиценци за вршење превоз, Бочварски рече дека се постапува секојдневно.

– Како Министерство постапуваме секојдневно. Таму каде што согласно Законот можеме, веднаш ги одземаме и лиценците и сите оние документи за кои компаниите немаат документација или прекршиле некаков член од законите. Што се однесува до овој случај конкретно, Министерството за внатрешни работи постапи во негова ингеренција и се санкционираше еден ваков пример, што значи дека државата работи на сузбивање на сите овие појави кои се случуваат. Ние како Министерство продолжуваме со активна работа и борба против ваквите појави во државата, рече Бочварски.