Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вечерва изјави дека по извршената проверка од страна на МВР, констатирано е дека автобусот на „Беса транс“, немал извод од лиценца за вршење на превоз на патници и дека согласно законот на компанијата ќе ѝ биде одземена лиценцата за работа, а ќе биде извршен и вонреден инспекциски наод.

Министерот објаснувајќи ги законските процедури во однос на издавање лиценци за слободен меѓународен транспорт на патници потенцира дека без лиценца за превоз и без извод од лиценца која ја издава Министерството за транспорт и врски една компанија не може да врши меѓународен превоз на патеници.

„Солгасно законот за превоз во патниот сообраќај превозник може да врши превоз врз основа на лиценца, а изводот од лиценца за секое возило одделно ги содржи сите податоци за самото возило и за регистрацијата, односно за извршен технички преглед, како и за сите други детали од автобусот. Контролата и надзорот на превозот е во надлежност на Државниот инспекторат за транспорт, по чиј наод Министерството може да одземе лиценца. Бидејќи имаме сознание дека вршел превоз без лиценца за конкретниот автобус, Министерството започна постапка за одземање на лиценцата на превозникот. Ќе се изврши и вонреден инспекциски надзор на компанијата“, рече Бочварски.