Новиот министер за транспорт и врски Благој Бочварски денеска упати повик за вклучување на градежни и сообраќајни инженери, правници и архитекти, професори и експерти од секоја област во поставување систем кој, како што рече на прес-конференција, ќе биде мозокот и вистински координатор на оперативата за силни капитални инвестиции.

– Во ова тешко време на ковид криза кога имаме сериозни импликации врз економијата, остануваме силно фокусирани на висока реализација на капиталните проекти, со што ќе помогнеме за заздравување на домашната економијата преку градежниот сектор, рече на првата прес-конференција по именувањето министерот Бочварски.

Изградбата на патната и железничката инфраструктура , гасоводи, водоводи и канализациони системи и другите инфраструктурани проекти, потенцираше тој, се исклучително важни за развојот на државата и претставуваат најсилниот мотор на секоја економија. Во овој сектор, порача Бочварски, не смее да има никакви импровизации, бидејќи тие се недозволиви, а многу често кога ќе се случат граѓаните ги плаќаат повеќекратно.

– Затоа ги отворам вратите на Министерството за транспорт и врски за сите наши македонски капацитети, градежни и сообраќајни инженери, правници и архитекти, професори и експерти од секоја област, со цел поставување систем кој ќе биде мозокот и вистински координатор на оперативата за силни капитални инвестиции. Ќе ги ангажирам сите административни капацитети, ќе го искористам моето знаење и упорност со единствена цел да создадеме систем преку кој ќе се гради модерна инфрастуктура, за денешните и идните генерации, рече Бочварски.

Инвестициите во инфраструктурата, појасни, ги реализираме преку изградба и рехабилитација на преку 250 километри автопатска мрежа , изградба на 300 километри експресни патишта, преку 1.000 километри рехабилитација на регионални патишта и само преку Министерстото за транспорт рехабилитација на околу 450 километри локални патишта.

– Во соработка со други министерства преку разни програми се планира изградба на нови 500 километри водоводни и канализациони линии. Фокус и понатаму останува изградбата на пругата на Коридор 8, утврдена ни е динамиката на изградба на преку 700 социјални станови, а ќе воспоставиме нови авиолини и други проекти со кои ќе ја вратиме економијата на потребното ниво со што ќе се овозможи отворање на нови работни места, наведе министерот Бочварски.