Очекувањата за следната година се да се објави повик за изградба и изведба на интерконекторот со Грција, да се раздвижи авиосообраќајот и да се вратат редуцираните линии. Бочварски најави и инвестиции во доизградба на магистрални гасоводи, локални патишта, браната на реката Отиња…

Буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2022 година изнесува 11,8 милијарди денари, а од нив 10,8 милијарди или 91,9 отсто се за капитални проекти, презентираше денеска ресорниот министер Благој Бочварски.

Меѓу капиталните проекти кој тој ги нагласи се автопатските делници, како и железничката пруга кон Република Бугарија.

„Генерално, развојната компонента на Буџетот ни дава очекување дека следната година ќе имаме непречено финансирање на проектите заради остварување на инвестициските цели на Министерството. Проектиравме 6,2 милијарди денари за изградба на автопатот на Коридор 8 односно автопатските делници: Тетово – Гостивар – Букојчани и делница Требеништа – Струга – Ќафасан, како и автопатската делница Прилеп – Битола на Коридор 10-Д“, рече Бочварски.

Посебен фокус, нагласи министерот, се става и на железницата кон Бугарија за што во Буџетот за следната година се предвидени 2,5 милијарди денари и се очекува во првиот квартал од 2022 да се избере изведувач и да се продолжи со изградба.

„Согласно процедурите кои се во завршна фаза остануваат уште последните чекори во кои очекуваме да се изберат компании кои ќе работат на првата и втората делница на Коридорот 8 и реконструкција на една делница од Коридорот 10. Очекувањата се дека во првиот квартал од следната година ќе се избере изведувач и ќе биде воведен во работа со што после подолго време ќе се продолжи изградбата на железничката пруга кон Бугарија. Ова е инвестиција од околу 200 милиони евра, пари кои ќе бидат вбризгани во економијата и инфраструктурата“, изјави Бочварски.

Министерот рече дека за 2022 проектирани се и 738 милиони денари за реконструкција и изградба на улици во општините и посочи дека се подготвува трет повик кој треба да опфати реконструкција на локални улици во должина од 60 километри.

Во буџетот на Министерството за наредната година, како што кажа Бочварски, предвидени се и 275 милиони денари за доизградба на двата магистрални гасоводи, од Неготино преку Прилеп до Битола, каде работите се завршени над 95 отсто и од Скопје – Тетово до Гостивар, каде реализацијата е околу 80 проценти.

„Преку НЕР се подготвува постапка за изградба на интерконекторот со Грција. Очекуваме следната година да објавиме јавен повик за изведба и изградба. Во завршна фаза е и проектот за магистралниот гасовод од Гостивар до Кичево и Велес – Свети Николе“, рече Бочварски.

Со пари од Европската инвестициска банка следната година, како што презентираше, ќе се инвестираат 428 милиони денари за изградба на водоводни и канализациски линии, а преку КФВ банката дополнително ќе се инвестираат 226 милиони денари за водоводни системи во Гевгелија, Кавадарци, Радовиш и Гостивар. За општините кои немаат доволно пари, посочи министерот, проектирани се, и 18 милиони денари за изработка на урбанистички планови.

Во презентацијата тој ги наведе и предвидените пари за раздвижување на авиосообраќајот кој беше редуциран поради ковид-пандемијата.

„Очекуваме следната година да се раздвижи авиосообраќајот и повторно да се воспостават редуцираните линии. Предвидени се 70 милиони денари за финансиска поддршка за воспоставување на нови авиолинии.Планираме да распишеме нов јавен повик со оглед дека договорот со авиокомпанијата Визер истекува на 1 март 2022 година“,истакна Бочварски.

Меѓу проектите за кои се предвидуваат пари со Буџетот на Министерството за транспорт и врски, Бочварски ги посочи и браната на реката Отиња во Штип за што се одвојуваат речиси 100 милиони денари, како Брзиот автобуски превоз во Скопје, за кој ја повика градоначалничката Данела Арсовска да ја преиспита најавата за укинување на проектот.