Реализацијата на капиталните инвестиции во ресорот транспорт и врски очекувам да биде над 90 проценти, односно околу 91 процент, порача денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

-Согласно анализите кои ги правиме и она што треба да го исплатиме до крајот на тековнава година очекувам капиталните инвестиции да бидат околу 91 процент. Наредната 2022 година е многу значајна за капиталните инвестиции зашто очекуваме да продолжи изградбата на железничката пруга. Постапките за избор на изведувачи за прва, втора фаза и за третиот лот се во тек. Тоа се големи инвестиции од околу 200 милиони евра што ќе дадат силен импакт во економијата во државата, рече Бочварски во одговор на прашање пред денешната работна средба со Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Северна Македонија.

Посочи дека паралелно ќе се гради патната инфраструктура и гасоводите чија изградба е при крај.

-Гасоводниот крак кон Битола е со реализација од над 96 проценти и се очекува да биде готов идната година, а воедно се очекува и започнување на изградбата на интерконекторот со Грција. Силен прогрес има и на кракот кон Гостивар и нашите очекувања се дека и тој ќе биде завршен во текот на наредната година, како и водоводите, канализациите и сите проекти кои дополнително влијаат на развојот на државата и на инфраструктурата, посочи Бочварски.

Нагласи дека веќе е потпишан анексот на Договорот за изградба на автопатот Кичево – Охрид и оти се отстранети сите проблеми во проектирањето и додаде дека се надева дека домашните и странските компании кои учествуваат во неговата изградба ќе го запазат крајниот рок до 31 декември 2023 година, бидејќи им се отвора непречено поле на работа.