Доколку целата тендерска постапка оди според предвиденото во јуни се очекува да стартува изградбата на брана на река Отиња, капитален проект за Општина Штип, најави денеска министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој се вакцинираше на пунктот во штипската сала „Јордан Мијалков“.

-Во однос на ова прашање, ние го поминавме последниот чекор, електронската аукција, во моментов течат роковите за жалба, штом ќе завршат тие рокови и завршувањето на сите постапки, сметам дека тоа би се случило многу скоро и секако ќе излезам и ќе ја информирам јавноста. Ова е најзначајниот, најголемиот проект за Општина Штип, вели Бочварски.

Забележа дека во буџетот има издвоено пари за браната на река Отиња, а веднаш по изборот на градежна компанија ќе стартуваат и градежните работи. Проекциите на Владата која целосно ќе го финансира овој проект од државниот буџет изнесуваат над седум милиони евра.