По објавените снимки за гладијаторски борби на ученици во скопската населба Капиштец, ,,Слободен печат” стапи во контакт со градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ. Тој вели дека во основното училиште Киро Глигоров во Капиштец, во чија непосредна близина се одвивале спорните борби на малолетници, воопшто не учат деца кои се доволно возрасни за да кореспондираат на оние од видеото. Највозрасните ученици се во петто одделение, а оние од видеото, според проценката на Богдановиќ, се повозрасни.
– Во основното училиште Киро Глигоров, највозрасните ученици се во петто одделение. Јас на снимката гледам малку повозрасни деца, значи не верувам дека се од тоа училиште. Ние во општината уште пред да излезе информацијата во медиумите знаевме за овој случај, бидејќи ни испратија видеа од борбата претходно објавени на Фејсбук. Мислам дека треба да се почека институциите да си ја завршат работата, поради тоа што се работи за малолетници и тоа е сензитивна, деликатна тема, ни рече Богдановиќ.