Во 2017 година, заедно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски започнавме да го утврдуваме концептот „МВР за граѓаните” – полиција во служба на граѓаните и благодарение на неговата визија и пожртвуваност, заеднички успеавме да ја изградиме македонската полиција како вистински сервис на граѓаните, гарант на нивната безбедност и сигурност, напиша на социјалните мрежи Митко Бојмацалиев, предлог кадар на СДСМ за дополнителен заменик министер во МВР во идната техничка Влада.

„Останавме блиски со граѓаните и работевме во партнерство со нив и во периодот кога Спасовски ја предводеше Владата на Република Северна Македонија. Како резултат на континуираната работа кон поставените стратешки цели, изминатиот период го одбележавме како најбезбедна земја во регионот, со најдобри резултати во изминатите 30 години во борбата против недозволената трговија со дрога, организираниот криминал и корупцијата, илегалната миграција, сајбер криминалот, итн.

Тоа е концептот по кој се раководам и за кој ќе се борам и по 28 јануари 2024 година. Продолжуваме со „МВР за граѓаните” – транспарентна и отчетна полиција, која нема да биде во служба на ничиј друг интерес освен на граѓаните! Искрена благодарност до членовите на Централниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, за укажаните чест и доверба да бидам дополнителен заменик министер во Министерството за внатрешни работи“ стои во објавата.