Бомбата во скопската населба Ќерамидница била фрлена во дворот на Раде Трајковски-Штекли, кој е пренесен во болница, но е надвор од животна опасност.
Mинистерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека е запознаен со случајот и добро е што никој не е во животозагрозувачка состојба во моментот, а лошо е што криминалните банди пустошат и денес. Вели дека службите постапуваат.
„Во изминатите неколку години институционално беа засилени одредени криминални групи во Скопје и другите градови, на кои им се прогледуваше низ прсти и им беше овозможувано да работат спротивно на законот, а Јавното обвинителството отвори постапка за злоупотреба во рамките на институциите, односно за полициски службеници што одавале информации и злоупотребувале во интерес на криминалците“, изјави Тошковски најавувајќи војна против криминалците.
МВР претходно објави дека утрово во дворот на Р. Т. била фрлена експлозивна направа. Од експлозијата тој добил повреди по што бил пренесен во ГОБ „Св. Наум Охридски“ за укажување помош.
Штекли минатата година двапти беше цел на напади во трговскиот центар „Ист гејт мол“, при што беше погоден од повеќе куршуми, па опериран и спасен.