По долга расправа вчера Советот на Град Скопје го усвои Буџетот за 2023 година „тежок“ 114 милиони евра.

Дебатата која траеше долго и која најчесто се одвиваше помеѓу градоначалничката Данела Арсовска и советниците од ВМРО-ДПМНЕ, на крајот заврши со усвојување на предложениот буџет за 2023 година.

Буџетот беше изгласан со 28 гласа ЗА на советниците од ВМРО-ДПМНЕ, од Левица, како и со гласовите на советниците кои се со Арсовска, како Ирена Витина која ја напушти советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Александар Трајановски од ГРОМ.

Со изгласувањето на Буџетот се расчистија сите дилеми за тоа дали Град Скопје ќе може да функционира нормално.

Претпоставките дека буџетот нема да биде усвоен, дека ќе следува времено финансирање на Градот а што подоцна можеби и ќе резултираше со предвремени избори за советници, се покажаа како неточни.

Но од друга страна се покажаа точни претпоставките дека ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Арсовска функционираат добро кога се во прашање парите од Буџетот.

По вчерашната седница, речиси и ништо да не се промени, мнозинството и натаму го предводат ВМРО-ДПМНЕ и Левица, иако партијата предводена од Мицкоски се обидува тоа да го негира преку соопштенија и прес-конференции.

Она што исто така е јасно е дека со усвојувањето на Буџетот нема опасност од предвремени избори за советници и дека тоа прашање е затворено барем за уште една година од сега.

Дали коалицијата меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ е навистина разрушена или пак се било обична глума и договор за пред јавноста, ќе покаже реализацијата на Буџетот кој беше усвоен благодарение токму на Левица и ВМРО-ДПМНЕ.