Претстојните избори во Бугарија се повод определени партии да се обидат да го подигнат својот рејтинг и популарност која што беше загубена во изминатите години, користејќи ги тензиите меѓу Бугарија и Северна Македонија, оценува поранешниот бугарски заменик министер за надворешни работи Милен Керемедчиев.

– Партиите во Бугарија кои се декларираат како патриотски и ќе ги организираат Бугарите имаат определена цел, а тоа е дополнително да се влошат односите меѓу Бугарија и Македонија, изјави Керемедчиев за БНР.

Коментирајќи ја посетата на министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев и претседателот на ДАНС Пламен Тончев на Скопје во врска со одбележувањето на 151-та годишнина од раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари, Керемедчиев говори за подготовка на провокации.

– И двете страни го прават тоа. На ист начин се однесува и ВМРО-ДПМНЕ во Македонија за да го крене својот рејтинг. Се очекуваат сериозни тензии и провокации од двете страни. Демерџиев и Тончев се таму за да се изолираат елемнтите кои што би довеле до провокации, но се плашам дека нема да бидат избегнати, вели тој.

Според Керемдчиев, ВМРО-ДПМНЕ е проруска партија, има тесни контакти со Русија, но и со Србија, а зад провокациите е желбата за трајно влошување на билатералните односи.

Тој уште додава дека не може да се одлага разговорот за имињата на клубовите во Северна Македонија, но и дека по дипломатски пат Бугарија се однесувала „најтврдо“.

– Повлекувањето на амбасадорот на консултации е претпоследната мерка. Отповикувањето е последна, но се надевам дека нема да стигнеме до неа“, вели Керемедчиев.

Според него, проблемот на Македонија веќе е дали ги исполнува критериумите, а „судија на овој двобој е Европската комисија“.

Извор: Слободен печат