Седумдесет милиони евра ќе им бидат распределени на сите 80 општини за изградба и санација на локални патишта и улици, како и на друга патна инфраструктура во единиците на локалната самоуправа. Со оваа директна помош Владата ќе овозможи сите општини да се стекнат со можност да добијат од 500.000 до 2 милиони евра, во зависност од проектот со кој ќе аплицираат.
Ова беше денеска истакнато на свечената церемонија на потпишување на меморандумот за соработка со сите општини и Град Скопје, на која покрај градоначалниците и претставниците на општините и на Град Скопје, и извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, присуствуваа и носителите на проектот, министерот за транспорт и врски Горан, Сугарески, министерката за финансии, Нина Ангеловска, како и претседателот на Владата, Оливер Спасовски и заменичката претседателка во Владата задолжена за економските ресори, Мила Царовска.
Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска истакна дека во изминатиот период, Владата покажа волја и посветеност за рамномерен регионален развој во државата, со што се обезбедуваат подобри услови за живот за сите граѓани во Република Северна Македонија.
„Покажавме дека како Влада градиме по план, со што допринесуваме за подобра поврзаност на сите населени места меѓу себе, но и поврзаност со клучните коридори кои се врската на земјата со странство. Квалитетната инфраструктура е многу значајна за економски раст и развој, и е едно од клучните барања како на бизнисот, така и на граѓаните. Еден од овие процеси е градењето на нова и санација на постојната инфраструктура, особено во деловите од земјата коишто со години беа заборавени и запоставени. Сигурна сум дека овој проект ќе биде успешна приказна со кој ќе се подобри квалитетот на животот на сите граѓани“, подвлече вицепремиерката Царовска.