Сите засегнати страни треба да учествуваат на изборите, а кај нас опозицијата бара да нема функционален парламент, кога сите опозиции во светот го бараат спротивното. Барањето за предвремени избори доаѓаше токму од опозицијата, тие учествуваа во целиот процес и се во техничката и пржинската влада и имаат бројче за изборното ливче што значи дека се учесници во изборите. Искрено се надевам дека ќе донесат одлука за учество на изборите, истакна вицепремиерката задолжена за економски прашања Мила Царовска.

Таа во интервју за Телевизија 24, одговарајќи на прашањето што ќе се случи доколку ВМРО-ДПМНЕ одлучи да ги бојкотири изборите, рече оти сака да верува дека ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на изборите заради тоа што тие се потребни од една страна за државата, за граѓаните, но од друга страна бидејќи тие се оние коишто го иницирале целиот овој процес и е важно да останат на тие позиции и да учествуваат на изборите.

– За конечно да ги имаме сите демократски институции во сила за да можеме да кажеме дека ние сме парламентарна демократија. На овој начин, едноставно цела една институција како што е Парламент, на којшто се базираме како држава го нема во моментов и затоа сум сигурна дека и тие проценувајќи ги сите овие моменти, а посебно дека и тие ќе бидат на гласачкото ливче дека ќе одлучат да одат на избори, нагласи Царовска.

Вицепремиерката рече дека веднаш по завршување на вонредната состојба, условите за одржување на изборите се по 22 дена, односно на 5 јули. Таа посочи дека се исцпрени сите потреби за продолжување на вонредната состојба.

– Ние полека како држава, како граѓани сите се навикнуваме на новиот начин на живеење. И ако можеме да одиме во маркет, ако можеме да одиме во банка, во ресторан, притоа да се заштитиме себеси – а тоа е користење на маска, користење на дезинфесиенси, држење на дистанца тоа укажува дека навистина е сегмент на тоа наше демократско живеење да излеземе на избори и да избереме следен Парламент, а со тоа ќе избереме и политичка влада затоа што тоа е важно за државата и за секој поединец во неа, потенцираше Царовска.

Таа оцени оти не гледа дека пречка, доколку во текот на изборите се одржат сите протоколи коишто здравствените власти ќе ги препорачуваат и секако ДИК ќе ги испочитува и ќе се воспостават како механизми во денот на изборите.

– Секако дека кампањата на поинаков начин ќе се води, со тоа од една страна сме безбедни, а од друга страна одиме на избори. А ако ги одложиме за еден, два или пет месеци како сме сигурни дека во септември или во октомври нема да имаме уште поголема бројка. Никогаш не сме сигурни затоа што гледаме дека тоа е динамички процес којшто и во другите држави тешко може да предвидат дали или кога ќе се стивне и кога ќе има следен пик. Токму затоа сметам дека е навистина важно да се одржат изборите со почитување на сите протоколи затоа што новото време на живеење предвидува да ние се штитиме себе и тие околу нас, заклучи вицепремиерката.