Директорот на Генералната управа за јавна безбедност на Република Австрија, Франц Руф, изјави дека 19-годишниот австриски државјанин со потекло од Северна Македонија е уапсен во врска со планираните напади на концертите на американската музичарка Тејлор Свифт во Виена. Тој веќе правел експлозивна направа во својот дом во Терниц, пренесува ORF.

Истрагата открила дека младиот човек си дал отказ на работа на 25 јули и дека имал „големи планови“, рече Руф на прес-конференција. Откако ја напуштил работата, 19-годишникот наводно се фокусирал на подготовка на терористички напад и го променил изгледот за да го прилагоди на таканаречената пропаганда на исламска држава. Руф рече дека тој веќе направил експлозивни направи во својот дом во Терниц во источна Австрија. Во неговиот дом полицијата пронашла и бројни хемиски супстанци и технички средства.

Тој наводно планирал со неговиот автомобил да влета во 20.000 фанови кои ќе стојат пред стадионот Ернст Хапел за време на концертот, а потоа да ги нападне со мачети и ножеви.

Локалните медиуми објавија дека осомничениот наводно планирал да направи експлозивна направа користејќи особено чувствителни хемикалии.

Руф додаде дека тој „признал сè“.

Пријателите на 19-годишниот главен осомничен наводно биле ангажирани како обезбедувачи на концертот.

Според шефот на Управата за државна безбедност и разузнавање, Омар Хаијави-Пирчнер, 19-годишниот осомничен планирал напад со „експлозиви“ и ладно оружје за „бодење и сечење“. Осомничениот требало да ги изврши нападите на концертите на Тејлор Свифт на стадионот Ернст Хапел, кои требало да се случат во четврток и петок. „Тој сакал да се убие себеси и што поголема група луѓе“, изјави Хајави-Пирчнер.

Претресот во домот бил вчера и траел цел ден. Во него се пронајдени различни хемиски супстанци, функционални експлозиви, детонатори и фитили, како и пропагандни материјали на Исламската држава, мачети, ножеви и пиштоли со ќорци.

Во рамките на истрагата за планираните напади на концертите на Тејлор Свифт во Виена, уапсен е и 17-годишник. Подоцна е пткриено дека и тој живеел во Терниц, пренесе хрватскиот „Јutarnji.hr“. Тој наводно бил вработен во компанија која учествувала во организација на концерт на американската музичарка. Одбил да сведочи, а дел од австриските медиуми пренесуваат дека има и турски и хрватски корени!

Полицијата смета дека со планираните напади е поврзан и 15-годишен австриски државјанин со турско потекло. Омар Хајави-Пирчнер изјави дека споменатите лица полицијата ги смета за сомнителни и поврзани со планираните напади, но дека е можно и некои други лица да им помагале.

Во меѓувреме и македонското Министерство за внатрешни работи информираше дека постапува по барање добиено од австриските власти за проверка на лице кое е по потекло од земјава, а кое е осомничено за планиран терористички напад во Виена.

– Ве известуваме дека од страна на австриските власти до Министерството за внатрешни работи е пристигнато барање за проверка на лице кое е по потекло од Македонија, а истиот е осомничен за планиран терористички напад во Виена. Од наша страна се постапува по однос на
доставеното барање, информираат од МВР